Европската Унија денеска и утре ќе одлучува како ќе ја финансира Украина во следните две години за да може да продолжи да се бори против Русија. Без помош од ЕУ, украинските финансии би можеле да пресушат уште во второто тримесечје од 2026.
Членките на ЕУ ќе разгледуваат две опции, при што се преферира користењето на замрзнатите руски милијарди како заем за Украина. Најголемиот дел од овие пари се чува во белгискиот депозитар „Евроклир“, па Белгија најгласно се противи на оваа идеја зашто стравува од тужби од Русија, кои веќе се најавени.
„Ако не најдеме одговор на прашањето како да ја финансираме Украина во 2026 и 2027, нема да ѝ овозможиме да се брани од Русија. Тоа би имало сериозни последици за безбедноста на остатокот од Европа“, изјави еден висок европски дипломат.
Европската комисија предложи заем од 90 милијарди евра од замрзнатите 210 милијарди евра руски средства во Европа, со што би се покриле две третини од потребните 137 милијарди евра за 2026 и 2027. Досега ЕУ ѝ ја исплаќаше на Украина каматата генерирана од готовината, но не и самата готовина.
Другата идеја, поддржана од Белгија, е ЕУ да позајмува пари на меѓународните пазари. За оваа одлука ќе треба едногласна поддршка, а унгарскиот премиер Виктор Орбан беше јасен дека нема да дозволи ЕУ да позајмува повеќе пари на меѓународните пазари.
Се очекува и Володимир Зеленски да присуствува на самитот во Брисел.
„Ја сфаќаме итноста. Таа е акутна. Сите ја чувствуваме, сите ја гледаме“, кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Европските лидери се уверени дека има солидна правна основа за користење на замрзнатите руски средства, но белгискиот премиер Барт де Вевер останува неубеден. Неговиот министер за одбрана Тео Франкен предупреди дека позајмувањето пари од „Евроклир“ би била голема грешка.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека ќе го поддржи договорот доколку правната основа е солидна, додека Малта, Бугарија и Чешка, исто така, изразија скептичност за контроверзните предлози.



