Европската Унија мора да се подготви за наплив на синтетичката дрога фентанил, предупреди еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон. Ова следува откако државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека Европа или има неоткриен проблем со оваа дрога или наскоро ќе се соочи со него.
Фентанил е дрога 50 пати помоќна од хероинот, од која умираат десетици илјади Американци секоја година, а во последните години владее вистинска епидемија на предозирања. Минатата недела во Обединетите нации, Џо Бајден ги предупреди нациите сериозно да ги сфатат заканите поврзани со фентанилот.
„Кога зборував со Блинкен, тој вака ми го срочи тоа: ‘Или го имате овој проблем, а не знаете за него или наскоро ќе го имате‘. САД нѐ предупредуваат да дејствуваме за да не се соочиме со проблемот што тие го имаат“, кажа Јохансон.
Според неа, фентанилот сѐ уште не е најголемата грижа во ЕУ, каде што најкористена дрога е марихуаната, додека консумирањето кокаин бележи најбрз пораст.
„За разлика од САД каде што синтетичките дроги илегално се внесуваат од земји како Мексико, во Европа постојат капацитети за производство на фентанилот, што може брзо да доведе до криза“, вели Јохансон.
Според годинашниот Европски извештај за дроги, 434 лаборатории за производство на синтетички дроги биле растурени во ЕУ во 2021.