Европската Унија кажа дека не го признава Александар Лукашенко за претседател на Белорусија, ден откако тој на ненајавена церемонија положи заклетва за нов, шести мандат. Брисел соопшти дека инаугурацијата, исто како и неодамнешните избори, немаат демократски легитимитет.
Државната изборна комисија го прогласи Лукашенко за победник на изборите со освоени 80% гласови, додека опозицијата ги оспорува овие резултати и веќе еден месец одржува масовни протести. Освен ЕУ, и САД ги отфрли резултатите од изборите.
„Европската Унија не ги признава фалсификуваните резултати на изборите. Според тоа, на таканаречената инаугурација од 23 септември и на новиот мандат на Лукашенко им недостига демократски легитимитет“, изјави еврокомесарот за надворешни работи Хосеп Борел.
Лукашенко тврди дека победил фер на изборите на 9 август, по кои некои од водечките опозиционери избегаа од земјата.