ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДЕНЕСКА НА САМИТ НА ЕВРОПСКАТА ПОЛИТИЧКА ЗАЕДНИЦА ВО ТИРАНА

    ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДЕНЕСКА НА САМИТ НА ЕВРОПСКАТА ПОЛИТИЧКА ЗАЕДНИЦА ВО ТИРАНАОд самитот на ЕПЗ во Вудсток, Велика Британија, во јули 2024. (Фото: АП)

    Во Тирана денеска се одржува шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ). На самитот се поканети 47 шефови на држави или влади. Форумот настана во 2022, како реакција на руската инвазија на Украина. Тој треба да покаже дека Русија и нејзиниот сојузник Белорусија се изолирани, иако некои членки на ЕПЗ, како Унгарија, Словачка или Грузија сѐ повеќе отстапуваат од тоа.

    Албанија е прва земја од Западен Балкан кој е домаќин на овој шести самит на ЕПЗ, што според организаторите е историски момент не само за Албанија, туку и за целиот регион. На самитот ќе присуствуваат 47 шефови на држави и влади, заедно со лидерите на клучните европски институции. Претседателката на Европската Комисија (ЕК) Урсула Фон дер Лајен на платформата Х објави дека фактот што самитот на ЕПЗ за првпат се одржува во Западен Балкан е „моќен симбол”. „Нашето европско семејство на вредности се протега надвор од границите на Европската Унија. Делиме континент. И заедничка иднина“, објави Фон дер Лајен.

    Британскиот премиер Кир Стармер пред денешниот самит на ЕПЗ побара консеквенции за рускиот претседател Владимир Путин поради „одбивање на мирот“.

    „Ако Русија не сака да дојде на маса за преговори, Путин мора да ја плати цената за тоа“, изјави Стармер во Тирана. „Путиновата тактика на колебање и одложување“ е неподнослива“, вели британскиот премиер со поглед кон Истанбул, каде денеска на маса за разговори треба да седнат руска и украинска делегација.

    Но, на тие разговори нема да присуствуваат ниту рускиот претседател Путин ниту украинскиот претседател Зеленски, кој дојде на самитот во Тирана. Поради тоа, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио кој денеска дојде во Истанбул не очекува пробив на средбата.

    На самитот на ЕПЗ во Тирана учествува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој вчеравечер на Фејсбук објави дека денешниот ден ќе биде „убав и голем ден за Македонија, за нејзиниот развој и безбедност“.

    Идејата за основање Европска политичка заедница од 27 земји членки на ЕУ и 20 партнерски држави е на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во 2022 зборуваше за „нов простор за политичка соработка, безбедност и кооперација“.

    За разлика од Советот на Европа, кој има 46 „цврсти“ членки, ЕПЗ се подразбира себеси како неформална платформа за геостратешки прашања, дигитализација, енергија и клима. Голема улога на самитите на ЕПЗ играат разговорите во мал круг. За наесен е планиран самит на ЕПЗ во Данска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира