Собирот на 50-ина европски лидери, десетици нивни соработници и легија новинари во шпанскиот град Гранада се претвори во фијаско откако не беше постигнат никаков напредок за решавање на конфликтите на прагот на Европа или кое било регионално прашање.
Третото издание на личниот проект на Емануел Макрон, Европска политичка заедница, беше најавен како можност да се постигне мир помеѓу Азербејџан и Ерменија, да се смират тензиите на Балканот и да се одржи стратешки разговор за безбедноста на континентот. Освен што лидерите му даваа поддршка на Володимир Зеленски, кој дојде на кратко во Гранада, во отсуство на клучните играчи, тие не успеаја да направат напредок во другите конфликти.
Така собирот го ескивираа претседателите на Азербејџан и Турција, Илхам Алиев и Реџеп Таип Ердоган, со што пропадна можноста за разговори со Ерменија, додека косовската претседателка Вјоса Османи одби да разговара со српскиот лидер Александар Вучиќ, барајќи на Србија да ѝ се воведат санкции за неодамнешните случувања на северот на Косово.
Згора на сѐ, домаќинот Шпанија ја откажа најавената прес-конференција во последен момент, со што извиси околу 700 присутни новинари. Според еден европски дипломат, немало фундаментални прашања за кои требало да се даде изјава.
Недостигот на ентузијазам кај европските лидери бил видлив од самиот почеток, па така Олаф Шолц и Риши Сунак не дадоа изјави за медиумите, Џорџа Мелони си зборела на мобилниот додека поминувала покрај новинаруте, а Макрон исто така не кажа ништо додека одеше на средбата.