Фолксваген соопшти дека е блиску до постигнување спогодба од 4,3 милијарди долари со Министерството за правда на САД за случајот со измамата со софтверот за прикажување штетни емисии на дизел моторите на германскиот автопроизводител. Преговорите меѓу двете страни се во крајна фаза, соопшти Фолксваген. Спогодбата вклучува признавање вина и ќе стави крај на криминалната истрага на компанијата.
Од септември 2015 година, кога најголемиот производител на автомобили во Европа призна дека инсталирал софтвер со лажни индикатори за емисии во своите возила, компанијата имала разговори со клиентите и властите околу оштетата за инсталираниот софтвер на повеќе 11 милиони автомобили ширум светот.
Фолксваген постигна договор во средината на 2016 година за да изврши надомест за сопствениците на 475.000 автомобили во САД со дволитарски дизел мотори. Тој договор би можело да ја чини компанијата до 16,5 милијарди долари. Сличен договор со сопствениците на околу 80.000 автомобили во САД со поголеми дизел мотори беше објавен минатиот месец.
Фолксваген тргна настрана 18,2 милијарди евра за покривање на трошоците од скандалот, кој се очекува да биде најскапиот во историјата на автомобилската индустрија.
Компанијата вчера соопшти дека вкупните трошоци сеуште не можат да се утврдат.
И покрај скандалот, Фолксваген вчера објави податоци кои укажуваат на фактот дека компанијата била најголем производител на автомобили во светот минатата година, со вкупната продажба од повеќе од 10,3 милиони возила, што е за 3,8 отсто повеќе од 2015 година.