Франција осомничи крајнолевичарски групи за саботажите на француската мрежа на брза железница пред почетокот на Олимписките игри во Париз. Три пруги кои водат кон Париз беа цел на нападите во петокот, при што беа запалени сигнални кутии, што доведе до бројни откажувања и одложувања во железничкиот сообраќај.
„Го идентификувавме профилот на неколкумина луѓе. Саботажите носат ознака на крајнолевичарските групи“, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан.
Во изминатите години, француските безбедносни служби изразуваа загриженост за дејствувањето на крајната левица и анархистичките милитанти, особено по изгласувањето на спорните пензиски реформи лани.
„Во последните години, крајнолевичарските движења се познати по насилни тајни акции, што вклучува подметнување пожари, грабеж и уништување имот. Вообичаено ја напаѓаат клучната инфраструктура, како репетитори, антени, владини институции и приватни компании, а најчестиот начин на делување е подметнување пожар и импровизирани експлозивни направи“, изјави бившиот шеф на француската разузнавачка служба Никола Лернер.
Возовите од утрово нормално сообраќаат низ Франција, откако тимовите на државната железница деноноќно ги отстрануваа штетите викендов.