Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ изјави дека рускиот мнозински сопственик на Српската нафтена индустрија (НИС) се согласил да ги продаде акциите на унгарската енергетска групација „МОЛ“ откако се најде под американски санкции. Договорот треба да биде одобрен од американската влада, додека единствената српска нафтена рафинерија се обидува да избегне уште едно затворање.
„‘МОЛ‘ и ‘Газпром Нефт‘ се согласија за основните одредби од идниот договор за купопродажба“, изјави Ѓедовиќ.
Американските санкции за НИС, воведени како дел од мерките против рускиот енергетски сектор, ја принудија рафинеријата да се затвори на почетокот на декември. Сепак, на 31 декември, НИС доби одложување на санкциите до 23 јануари и продолжи да работи.
„МОЛ“ соопшти дека потпишал обврзувачки договор со „Газпром Нефт“ за стекнување на неговиот удел од 56,15% во НИС и дека е во преговори со Националната нафтена компанија на Абу Даби за приклучување кон договорот како малцински акционер. Ѓедовиќ додаде дека „МОЛ“ се обврзал да го продолжи работењето на рафинеријата во Панчево, откако се појави загриженост дека објектот би можел да биде затворен според договорот.
Србија го продаде мнозинскиот удел во НИС на „Газпром“ за 400 милиони евра во 2008, а руската компанија оттогаш инвестираше неколку милијарди евра во фирмата.



