Европската Унија ја одобри зделката од 325 милиони евра, за колку што „Луфтханза“ ќе го купи италијанскиот авиопревозник „ИТА ервејс“, со што италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се ослободи од одговорноста за компанијата чиј претходник трошеше огромни државни средства со децении. Европската комисија денеска го одобри договорот откако ги прифати отстапките насочени кон зачувување фер конкуренција на клучните линии од Италија кон Северна Америка и остатокот на Европа.
Денешната одлука доаѓа по неколку месеци неизвесност околу иднината на договорот, во кој „Луфтханза“ првично од државата ќе откупи 41% акции на наследникот на „Алиталија“, со можност да го купи и остатокот.
„Како италијанска граѓанка и премиерка се радувам што италијанските даночни обврзници веќе нема да плаќаат милијарди евра за да се покријат загубите на ‘ИТА‘“, изјави Мелони.
Договорот претставува и лично задоволство за Мелони, откако неколкумина премиери пред неа не успеаја да стават конечен крај на сагата „Алиталија“.
„ИТА ервејс“ е наследничка на банкротираната „Алиталија“ и е во целосна сопственост на италијанското министерство за економија и финансии. Активна е од октомври 2021, веднаш по прогласувањето банкрот на „Алиталија“ која беше државен превозник од 1946 година.
Групацијата „Луфтханза“ ја сочинуваат уште и австриската „Аустриан ерлајнс“, швајцарската „Свис“, белгиската „Браселс ерлајнс“ и германската нискобуџетна „Јуровингс“.