Германски десничарски екстремисти поминале низ воена обука во камп во северна Русија, зад кој стои руско движење познато по своите расистички ставови, пренесе „Дојче веле“.
Повикувајќи се на информации од безбедносни кругови, магазинот „Фокус“ пишува дека тие учеле да ракуваат со оружје и експлозив и тренирале борба гради во гради. Дел од обучувачите од Германија биле припадници на Млади националсоцијалисти, младинската организација на крајнодесничарската партија НДП, како и на екстремистичката партија Третиот пат.
Според „Фокус“, организатор на кампот „Партизан“ кај Санкт Петербург е крајнодесничарското Руско империјалистичко движење, кое вели дека се бори за доминација на белата раса и која во САД е ставена на листата на терористички организации. Таа и во Русија е оквалификувана како екстремистичка, но не е забранета. На обука доаѓале и екстремисти од Норвешка и Финска.
Германските безбедносни служби сметаат дека Владимир Путин е запознат дека вакви кампови постојат, но ги толерира.