Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фаезер најави дека ќе го отпушти шефот на федералната агенција за сајбербезбедност (БСИ), Арне Шененбом, поради неговите наводни контакти со руски безбедносни служби.
Неодамнешна истрага откри дека Шененбом е член на технолошка асоцијација поврзана со германска компанија која е подружница на руска фирма за сајбербезбедност основана од бивш агент на КГБ.
„Сериозно им пристапуваме на работите за кои беше известено викендов и ги истражуваме сеопфатно“, соопшти министерството за внатрешни работи.
Фаезер го откажа состанокот со Шененбом, на кој требаше да се презентира извештајот за работата на БСИ за 2022. Шененбом ги отфрли обвинувањата како апсурдни.
Германските медиуми објавија дека наводните контакти на Шененбом со руски агенти можеби биле остварени преку Советот за сајбербезбедност на Германија. Тој е еден од основачите на оваа група, чија членка е и германската компанија „Протелион“, која пак е подружница на руската фирма „Инфотекс“.
Германија ја обвини Русија за низа сајбернапади кои ја погодија земјата во изминатите години.