Светските лидери ѝ оддаваат почит на кралицата Елизабета Втора, која почина попладнево на 96 години по 70 години поминати на британскиот трон.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја опиша како кралица со добро срце која беше пријател на Франција.
За време на своето владеење, Елизабета се запозна со 14-мина американски претседатели.
„Кралицата го освои светот со владеење дефинирано од грациозност, елеганција и неуморна работна етика. Секој пат бевме погодени од нејзината топлина и од тоа како знаеше да внесе хумор и шарм во важни моменти“, изјави Барак Обама.
Џо Бајден се присети дека првпат ја запознал кралицата во 1982 година.
„Таа нè шармираше со духовитоста, нè трогна со добрината и великодушно ја сподели својата мудрост со нас. Таа беше повеќе од монарх, таа дефинираше ера“, кажа Бајден.
Доналд Трамп изјави дека никогаш нема да ги заборави пријателството, мудроста и прекрасната смисла за хумор на кралицата.
„Во вака комплициран свет, нејзините постојани грациозност и решителност ни носеа утеха на сите. Ќе ми недостигаат нашите муабети во кои таа беше промислена, мудра, љубопитна, смешна и многу повеќе. Таа беше еден од моите најомилени луѓе на светот“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо.
Од кралицата се простија и холандскиот и белгискиот крал, кои ја опишаа како исклучителна личност, додека германскиот канцелар Олаф Шолц исто така го спомна нејзиниот прекрасен хумор.
Елизабета Втора никогаш не го посетила Израел, но неговиот претседател Исак Херцог ја опиша како светилник на моралноста, хуманоста и патриотизмот.