Јапонската полиција го објави идентитетот на мажот, кој вчера го подметна пожарот во студиото за анимација во Кјото, при што загинаа 33 луѓе, што е најтешко масовно убиство во земјата во последните две децении.
Четириесет и едногодишниот Шинџи Аоба се наоѓа во болница поради изгореници и полицијата сѐ уште не го испитала. Се верува дека тој го предизвикал пожарот бидејќи го обвинил студиото дека му украло идеи за стрип.
Тој влегол во студиото со два канистера полни со бензин, по што го истурил наоколу, извикувајќи ‘умрете‘, пред да го запали. Огнот бргу се проширил низ целата зграда и 10 луѓе се во критична состојба.
„Тој изгледаше гневно и извикуваше нешто како дека му ги украле идеите“, изјави еден сведок.
Аоба живеел во предградие на Токио и со воз стигнал во 480 километри оддалечениот Кјото, по што купил бензин од бензинската станица во близина на студиото. Полицијата утврдила дека тој немал никакви врски со студиото, познато по филмови, серии и стрипови.
Во моментот кога избувнал пожарот, во зградата имало 74 луѓе. Деветнаесет тела, едно врз друго, се пронајдени на скалите што водат кон покривот на третиот кат. Пожарот целосно бил изгаснат дури утрово.