Илјадници, главно млади луѓе денеска тргнаа од Белград на дводневен марш до Нови Сад, каде што в сабота ќе се одржи голем собир, со кој ќе се одбележи првата годишнина од уривањето на настрешницата на железничката станица, при што починаа 16 луѓе, а едно лице и натаму е на лекување. Оваа трагедија доведе до секојдневни, на моменти и насилни протести предводени од студентите, кои ја разнишаа власта на Александар Вучиќ и ги зголемија тензиите во земјата.
Демонстрантите, чиј број постојано растеше, веруваат дека трагедијата се случи поради владина корупција при реконструкцијата на железничката станица. Тие бараат одговорност од власта и предвремени избори и иако се покренати обвиненија против 13 лица, засега не е закажан датум на судењето.
Студентите се и на чело на огромната колона, која тргна на 90-километарско пешачење до Нови Сад. Се очекува саботниот собир да привлече десетици илјади луѓе, вршејќи дополнителен притисок врз српскиот претседател. Таму ќе пристигнат и групи студенти од други српски градови, кои го започнаа своето патување во изминатите две недели.
„Се придружив на маршот зашто ништо не се промени и одиме за Нови Сад со надеж дека конечно ќе има промена“, изјави студентот Михајло Јовановиќ.
Властите во изминатите месеци приведоа голем број студенти и други демонстранти, обидувајќи се да го задушат отпорот. Полицијата притоа се обвинуваше за бруталност, тепање и произволни притворања, а Вучиќ ги означи демонстрантите како терористи платени од западот.



