Десетици бугарски државјанки се во центарот на скандал во Мадрид, откако граѓански патроли почнаа да ги снимаат како крадат по улиците и во метрото на шпанскиот главен град. Волонтерската организација „Патрула Мадрид“ ги документира нивните кривични дела и објавува фотографии и имиња на Инстаграм, откривајќи добро организирана криминална мрежа која ѝ нанесува сериозна штета на сликата на Бугарија, објави бугарската „Нова ТВ“.
Веќе две години, група граѓани под името „Патрула Мадрид“ деноноќно ги следи и ги снима џепчиите низ тесните улици на стариот дел од градот.
„Ние сме обични граѓани од сите сфери на животот – сопственици на ресторани, барови, туристички водичи аматери, пензионери“, објаснува еден од членовите на патролата.
Иако меѓу фатените има и Романци и Босанци, според нив, најголемата и најорганизираната група е токму бугарската.
Волонтерите ја опишуваат мрежата како „огромно бугарско движење кое е многу, многу добро организирано“. Според нив, станува збор за пирамидална структура, чиј врв е поврзан со други криминални организации вклучени во трговија со автомобили, дрога и перење пари.
„Имаме идентификувано повеќе од 150 жени кои се од истата банда. За мене, тие се од Бугарија. Има Роми и во Шпанија, но тие се Шпанци“, тврди друг член на патролата.
За време на своето двегодишно дејствување, патролата изградила јасен профил на сторителките.
„Повеќето имаат 25, 30, најмногу 40 години. Обично се многу сериозни. Никогаш не се смеат. Најмалку две жени одат заедно и не разговараат меѓу себе“, објаснуваат тие, додавајќи дека се препознатливи и по специфичниот начин на облекување и носењето очила за сонце.
Нивни жртви се главно постари лица и туристи од Источна Азија кои носат повеќе готовина.
„Обично одат на многу преполни места. На пример, бугарските џепчии влегуваат во автобуси за време на сообраќајниот шпиц“, вели член на патролата.
Нивниот класичен метод е да ја покријат раката со парче облека додека вадат паричници од чанти или џебови.



