Грчката влада објави дека ќе затвори државна агенција која е под истрага на Европското обвинителство (ЕППО) за измама поврзана со буџетот за земјоделство на ЕУ. Оваа недела, европската јавна обвинителка Лаура Кевеши кажа дека ќе продолжи со истрагата, и покрај нападите и заплашувањата со кои се соочувал нејзиниот тим.
Во центарот на истрагата е ОПЕКЕПЕ, агенција задолжена за распределба на средствата за земјоделство. Минатиот петок, владата го смени претседателот на агенцијата зашто одбил да соработува со европската истрага.
ЕППО истражува десетици случаи во кои грчки граѓани добиле средства за пасишта од европските фондови, иако не поседувале или не изнајмувале земјиште, ниту пак некогаш работеле во земјоделството, лишувајќи вистински земјоделци од парите што ги заслужувале. Се проценува дека притоа биле проневерени милиони евра за повеќе години.
„Откако напорите за модернизација на ОПЕКЕПЕ не вродија со плод, владата, во соработка со европските власти, е одлучна да го реши проблемот засекогаш. Целта е таа да биде згасната до втората половина на 2026“, соопшти грчката влада.
ОПЕКЕПЕ е под надзор на ЕУ од септември 2024 поради неусогласеност со оперативните стандарди и ризикува да го изгуби својот сертификат за управување со фондовите на ЕУ во јули, кога европските власти ќе ја посетат Атина за да го следат напредокот.