Стотици илјади овци и кози се уништуваат во Грција поради ширењето на заразна болест, што би можело да влијае врз производството и извозот на светски познатото сирење фета.
Овчи и козји сипаници се вирусна инфекција. Првите случаи беа откриени во северна Грција во август 2024, а болеста оттогаш се прошири низ многу региони во земјата. Според најновите податоци од Министерството за рурален развој и храна, до средината на ноември биле регистрирани вкупно 1.702 инциденти.
Откривањето на еден случај на фарма значи дека целото стадо мора да се убие од превентивни причини. Досега се уништени околу 417.000 овци и кози, што е приближно 4-5% од претходниот вкупен број.
Приближно 80% од грчкото овчо и козјо млеко оди за производство на фета сирење, кое е со заштитено потекло во рамките на Европска Унија. Минатата година, Грција извезла фета сирење во вредност од 785 милиони евра, од кои 520 милиони евра во другите земји од ЕУ, а 90 милиони евра во Велика Британија.
Малите млекарници велат дека веќе имаат проблеми со снабдувањето со овчо млеко, што би можело да доведе до можен недостиг на фета сирење во иднина. Иако цените сè уште не се зголемени, тоа веројатно ќе се случи ако епидемијата не се искорени.
„Ограничената количина на достапно млеко ги зголемува трошоците за производство и го отежнува одржувањето на тековните количини на фета сирење на пазарот“, вели Димитрис Гугулис од Факултетот за ветеринарна медицина на Универзитетот на Тесалија.
На погодените земјоделци им се нуди надомест од 132 до 220 евра по овца, во зависност од нејзината возраст. Земјоделците велат дека ова е далеку од доволно за да се покријат нивните загуби.
Владата беше критикувана и за нејзиниот одговор на епидемијата. Национален научен комитет за управување и контрола на овчји и козји сипаници беше формиран дури кон крајот на октомври, цели 14 месеци откако беше откриен првиот случај. Во меѓувреме, не беа воспоставени затворени зони во областите каде што беа регистрирани првите случаи во 2024, а критичарите велат дека државната ветеринарна служба има значителен недостаток на персонал.



