ГУАИДО ОПКРУЖЕН СО ВОЈНИЦИ НАЈАВИ ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА МАДУРО

    ГУАИДО ОПКРУЖЕН СО ВОЈНИЦИ НАЈАВИ ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА МАДУРОГуаидо сними видеопорака во која стои пред униформирани лица и оклопни возила

    Хуан Гуаидо, кого голем број држави го поддржаа како претседател на Венецуела, во видеообраќање најави скорешен крај на режимот на Николас Мадуро, опкружен со униформирани лица.

    „Моментот е сега. Ќе ѝ донесеме слобода и демократија на Венецуела“, вели Гуаидо во триминутниот говор, за кој се верува дека е снимен пред главната воена база во Каракас, Ла Карлота.

    Светските медиуми објавија дека во Венецуела можеби се подготвува пуч, бидејќи Гуаидо на снимката е придружуван од десетици војници, кои стојат пред оклопни возила. Тој го повика народот да излезе на улица и да покаже ненасилен отпор.

    „Неопходно е сите да излеземе на улица, да ја поддржиме демократијата и да ја повратиме слободата. Организирани и обединети, сите треба да се упатиме кон главните воени објекти. Воените сили ја донесоа исправната одлука и тие можат да сметаат на поддршката од народот. Заедно ќе ставиме крај на оваа узурпација, а потоа ќе се одржат слободни избори“, вели Гуаидо.

    Министерот за информации Хорхе Родригес изјави дека владата се соочува со „мала група на воени предавници“, кои сакаат да изведат пуч.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира