ХАКЕР СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГО ИМИТИРАЛ ГЛАСОТ НА МАРКО РУБИО И КОНТАКТИРАЛ ТРОЈЦА МИНИСТРИ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

    ХАКЕР СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГО ИМИТИРАЛ ГЛАСОТ НА МАРКО РУБИО И КОНТАКТИРАЛ ТРОЈЦА МИНИСТРИ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИОд Стејт департментот изјавија дека се свесни за инцидентот и дека преземаат чекори за да ја подобрат својата сајбербезбедносна одбрана. (Фото: Стејт Департмент)

    Американскиот Стејт департмент соопшти дека истражува случај во кој измамник користел вештачка интелигенција за да се претстави како државниот секретар Марко Рубио и да контактира тројца министри за надворешни работи.

    „Непознат сторител“ користел вештачки генериран глас на Рубио за да контактира функционери преку апликацијата за пораки „Сигнал“, се наведува во депеша на Стејт департментот до која дојде американската телевизија „Си-Би-Ес Њуз“.

    Во депешата, испратена на 3 јули до сите дипломатски и конзуларни претставништва, се вели дека лицето контактирало најмалку пет лица, вклучувајќи ги министрите за надворешни работи, еден американски гувернер и член на Конгресот.

    Според извештајот, лажниот профил на „Сигнал“ бил креиран во средината на јуни со корисничко име [email protected].

    „Сторителот оставил говорни пораки на ‘Сигнал’ на најмалку две од целните лица, а во еден случај, испратил и текстуална порака со покана за комуникација на „Сигнал’“, стои во депешата.

    Не е откриено кои лица биле контактирани, ниту што содржеле пораките со вештачки генерираниот глас на Рубио.

    Од Стејт департментот изјавија дека се свесни за инцидентот и дека преземаат чекори за да ја подобрат својата сајбербезбедносна одбрана.

    „Не постои директна сајберзакана за департментот од оваа кампања, но информациите споделени со трета страна би можеле да бидат изложени доколку таргетираните лица бидат компромитирани“, се додава во депешата.

    Инцидентот прв го објави весникот „Вашингтон пост“. Според весникот, американските власти не знаат кој стои зад измамата, но веруваат дека целта била да се манипулираат моќни владини претставници за да се добие пристап до информации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира