Хамас објави дека дал позитивен одговор на предлогот на Доналд Трамп за прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници. Палестинската група кажа дека е „сериозно спремна веднаш да почне со нова рунда преговори“.
Висок палестински функционер изјави дека Хамас ја прифатил општата рамка, но побарал неколку измени, вклучувајќи американски гаранции дека борбите нема да продолжат ако пропаднат разговорите за траен крај на 20-месечната војна.
Доналд Трамп вчера кажа дека следната недела би можел да се склучи договор за прекин на огнот во Газа.
„Добро е што Хамас одговорил во позитивен дух на американскиот предлог“, изјави Трамп.
Тој во вторникот објави дека Израел ги прифатил неопходните услови за 60-дневно примирје и во тој период двете страни ќе работат да ја завршат војната. Притоа го повика Хамас да го прифати она што го опиша како конечен предлог, предупредувајќи дека нема да станува подобро, само полошо.
Се верува дека планот вклучува постепено ослободување на десет живи израелски заложници и телата на 18 починати во замена за палестински затвореници кои се држат во израелските затвори. Педесет заложници и натаму се држат во Газа, но се верува дека најмалку 20 се живи.
Хамас бара целосно повлекување на израелските трупи од Газа и хуманитарната помош да ја распределуваат исклучиво Обединетите нации и нивните партнери. Бенјамин Нетанјаху ја отфрла можноста за крај на војната додека не бидат ослободени сите заложници и не бидат уништени воените и раководните капацитети на Хамас.