Хамас утрово започна со ослободувањето на преостанатите израелски заложници кои ги држеше од 7 октомври 2023, со што се исполнува една од клучните точки од мировниот план за Газа, во чие создавање посредуваше Доналд Трамп.
Во прв момент беа пуштени седуммина од 20-темина живи заложници, чии имиња беа објавени од Израел, кои прво му беа предадени на Црвен крст, кој потоа ги префрли во дел од Газа што е под контрола на Израел. Тие потоа ќе бидат превезени во воена база во јужен Израел, каде што ќе се спојат со своите семејства.
Се очекува Хамас денеска да ги ослободи сите 20-темина живи заложници. Се верува дека 26 заложници се мртви, а судбината на двајца не е позната, според израелските власти.
Според договорот, Израел денеска треба да ослободи речиси 2.000 палестински затвореници, од кои 250 служат долги затворски казни.
Голем број луѓе од утрово се собираат на Плоштадот на заложниците во Тел Авив во очекување на враќањето на заложниците.
Примирјето и размената на заложници и затвореници следат по две години војна што прерасна во регионален конфликт, во кој се вклучија и Иран, Јемен и Либан и ја продлабочи меѓународната изолација на Израел.
„Војната заврши“, им рече Трамп на новинарите додека леташе од Вашингтон за Израел.
На прашањето какви се перспективите за регионот, тој кажа: „Мислам дека ќе се нормализира“.
Тој денеска ќе добие херојски пречек во Израел, при што ќе одржи говор во парламентот и ќе го прими највисокото израелско цивилно признание од претседателот Исак Херцог.