Хамас кажа дека ги предал останките на сите израелски заложници до кои можел да стигне, а за наоѓање на останатите ќе биде потребна специјализирана опрема за барање по урнатините на Газа. Израел се закани дека ќе ги обнови борбите ако Хамас не го испочитува договорот да ги врати сите 28 тела.
Уште две тела беа вратени вчера, со што Хамас досега предаде само девет тела, плус уште едно за кое се утврди дека не припаѓа на ниеден од заложниците.
„Хамас ја исполни својата обврска од договорот и ги предаде сите живи израелски затвореници кои беа во неговиот притвор, како и телата до кои можеше да пристапи. Што се однесува до преостанатите лешеви, потребни се обемни напори и специјална опрема за нивно извлекување“, соопшти военото крило на групата.
Во понеделникот Хамас ги ослободи сите 20-мина живи израелски заложници, додека Израел пушти речиси 2.000 Палестинци од своите затвори.
„Доколку Хамас одбие да го почитува договорот, Израел, во координација со САД, ќе ги продолжи борбите до целосен пораз на Хамас, со цел да ја промени реалноста во Газа и да ги постигне сите цели на војната“, кажа израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Во обид да го задржи притисокот врз Хамас, Доналд Трамп рече дека би можел да им дозволи на израелските сили да ги продолжат борбите во Газа доколку Хамас не го почитува својот дел од договорот за прекин на огнот.
„Хамас се стреми да се држи до своето ветување за враќање на телата на мртвите заложници. Враќањето на телата од Газа оди тешко бидејќи таа е претворена во прав. Имаше големо разочарување и гнев кога првиот ден беа вратени само четири тела, но тие продолжија да ги враќаат и следните денови. САД и другите посредници разгледуваат програма за награди за луѓето кои помагаат во лоцирањето на телата“, рекоа советници на Трамп.
Во копија од договорот за прекин на огнот, објавена од израелските медиуми минатата недела, се признава дека Хамас и другите палестински фракции можеби нема да можат да ги лоцираат сите тела во првичниот временски рок.