Хамас ослободи уште две израелски заложнички, додека Израел кажа дека подготвува безмилосни напади за да ја онеспособи палестинската милитантна група која управува со Газа. Израелските власти го потврдија ослободувањето на две жени на возраст од 79 и 85 години и им се заблагодарија на Катар и Египет за посредувањето во нивното пуштање.
Мајка и ќерка со израелско-американско државјанство беа ослободени од Хамас во петокот. Израелската војска верува дека Хамас држи 222 заложници, меѓу кои има и деца.
Израел бомбардираше стотици цели во Газа вчера, додека неговите војници беа вклучени во борби со Хамас при локализирани упади во појасот. Шефот на генералштабот на израелската војска Херци Халеви изјави дека Израел нема намера да попушти со нападите, додека САД велат дека сега не е време за примирје помеѓу Израел и Хамас, но истовремено го притискаат Тел Авив да ја одложи планираната копнена офанзива.
„Сакаме да го доведеме Хамас до состојба на целосно демонтирање, што може да се постигне само со безмилосни напади. Добро сме подготвени за копнена операција на југот“, изјави Халеви.
Палестинските власти кажаа дека од неделата загинале 436 луѓе во Газа, а вкупно 5.000 од нападот на Хамас на 7 октомври. Израел воведе целосна опсада на Газа, каде што почнаа да влегуваат камиони со хуманитарна помош од Египет, но таа не вклучува гориво.