Хамас ги предаде телата на уште четворица израелски заложници откако Израел се закани дека ќе го ограничи влезот на хуманитарната помош во Газа поради нивното одложено враќање. Палестинската група претходно ги ослободи 20-темина живи заложници и врати само четири од 28-те тела.
Израел ги идентификуваше првите четири добиени тела, меѓу кои е и еден државјанин на Непал.
Планот за прекин на огнот на Доналд Трамп предвидуваше сите 48 заложници да бидат предадени до понеделникот напладне по локално време, иако Хамас кажа дека лоцирањето на телата низ Газа нема да оди лесно.
„Од Хамас се бара да го исполни својот дел од договорот и да ги вложи потребните напори за враќање на сите заложници“, соопшти израелската војска.
Министерот за одбрана Израел Кац ја предупреди палестинската вооружена група дека „секое одложување или намерно избегнување ќе се смета за грубо кршење на договорот и ќе добие соодветен одговор“. Израелските власти изјавија дека одлучиле да ја ограничат помошта и да го одложат отворањето на граничниот премин Рафа со Египет бидејќи Хамас го прекршил договорот за прекин на огнот со тоа што не ги предал телата на заложниците.
Во копија од договорот за прекин на огнот, објавена од израелските медиуми минатата недела, се признава дека Хамас и другите палестински фракции можеби нема да можат да ги лоцираат сите тела во првичниот временски рок.
„Голем товар е симнат, но работата не е завршена. Мртвите не се вратени како што е ветено. Втората фаза почнува сега“, кажа Трамп, порачувајќи дека Хамас ќе биде разоружан, ако треба и со сила.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се надева на мирна следна фаза од преговорите со Хамас.
„Условите на Трамп беа многу јасни дека Хамас мора да се демилитаризира или ќе се отвори пекол. Хамас мора да го положи своето оружје и мораме да бидеме сигурни дека веќе нема фабрики за оружје во Газа и нема шверц на оружје во Газа. Тоа е демилитаризација“, рече Нетанјаху.