Три пратенички на владејачката Српска напредна партија (СНС) се повредени откако во парламентот во Белград дојде до хаос, при што беа фрлени две шок-бомби.
Инцидентот започна еден час по почетокот на редовната седница на парламентот, кога во салата беа активирани две шок-бомби и беа запалени факели, а опозицијата разви транспарент „Србија станува за да падне режимот“. Пратениците се гаѓаа со шишиња вода и јајца, а целата сала се исполни со чад.
Претседателката на парламентот Ана Брнабиќ кажа дека една пратеничка на СНС била погодена во глава и дека е превезена во болница.
„Пратеничката Јасмина Обрадовиќ имаше мозочен удар и е во животна опасност. Жената се бори за живот зашто фрливте шок-бомба врз неа“, кажа Брнабиќ, додавајќи дека се повредени уште две пратенички, од кои една била бремена.
Полицијата влезе во холот на парламентот, додека пред зградата се собираат студенти и граѓани.
„Ќе мора да нѐ убиете за да нѐ спречите да работиме. Ви пропадна обоенате револуција“, ѝ порача Брнабиќ на опозицијата.
И покрај лошите услови во салата, парламентот продолжи со работа и денеска ќе расправа за неколку закони и измени на закони. Дел од опозициските пратеници кажаа дека нема да учествуваат во работата на парламентот.