Откако заседаваше 10.800 денови, сослуша 4.650 сведоци и испиша 2,5 милиони страници транскрипти, Меѓународниот суд за воени злосторства за територијата на бивша Југославија денеска и официјално престанува со работа.
Церемонијата на затворањето, на којашто ќе присуствува и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутиереш, ќе означи крај на 24 години истраги и процеси, од коишто произлегоа 161 пресуда. Овој суд успеа да осуди или да стави зад решетки некои од централните фигури во крвавиот распад на Југославија, како Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.
Тој беше основан во 1993 година, уште додека траеја војните во Хрватска и БиХ, како прв таков суд по оние во Нирнберг и Токио, на кои им се судеше на фашистичките злосторници од Втората светска војна.
Деведесет лица беа осудени за геноцид, злосторства против човештвото и за други воени злосторства, меѓу кои има политичари, генерали, воени офицери, но и припадници на разни паравоени формации.
На крајот, судот го опфати и воениот конфликт во Македонија во 2001 година, па во Хаг завршија и Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, при што првиот беше ослободен, а вториот одлежа осум години затвор.
„Распадот на Југославија беше катализатор со многу значајни последици. Судот не донесе мир и помирување во регионот, но донесе важни пресуди за поединци“, вели професорот по меѓународното право од Лондон, Филип Сендс.