ХАШКИОТ СУД ЗА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА ДЕНЕСКА ПРЕСТАНУВА СО РАБОТА ПО 24 ГОДИНИ

    ХАШКИОТ СУД ЗА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА ДЕНЕСКА ПРЕСТАНУВА СО РАБОТА ПО 24 ГОДИНИСудот осуди или стави зад решетки некои од централните фигури во крвавиот распад на Југославија, како Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ (Фото: Гети)

    Откако заседаваше 10.800 денови, сослуша 4.650 сведоци и испиша 2,5 милиони страници транскрипти, Меѓународниот суд за воени злосторства за територијата на бивша Југославија денеска и официјално престанува со работа.

    Церемонијата на затворањето, на којашто ќе присуствува и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутиереш, ќе означи крај на 24 години истраги и процеси, од коишто произлегоа 161 пресуда. Овој суд успеа да осуди или да стави зад решетки некои од централните фигури во крвавиот распад на Југославија, како Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

    Тој беше основан во 1993 година, уште додека траеја војните во Хрватска и БиХ, како прв таков суд по оние во Нирнберг и Токио, на кои им се судеше на фашистичките злосторници од Втората светска војна.

    Деведесет лица беа осудени за геноцид, злосторства против човештвото и за други воени злосторства, меѓу кои има политичари, генерали, воени офицери, но и припадници на разни паравоени формации.

    На крајот, судот го опфати и воениот конфликт во Македонија во 2001 година, па во Хаг завршија и Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, при што првиот беше ослободен, а вториот одлежа осум години затвор.

    „Распадот на Југославија беше катализатор со многу значајни последици. Судот не донесе мир и помирување во регионот, но донесе важни пресуди за поединци“, вели професорот по меѓународното право од Лондон, Филип Сендс.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира