Хезболах потврди дека лидерот на групата Саед Хасан Насралах е мртов, неколку часа откако израелската војска објави дека го ликвидирала во вчерашните жестоки воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут. Неговата смрт претставува исклучително тежок удар за Хезболах, кој вети дека ќе ја продолжи борбата против Израел во знак на поддршка на Газа, Палестина и Либан.
Хезболах не кажа како умрел Насралах, но Израел вчера и денеска изведе серија воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои важат за упоришта на Хезболах.
„Нашите борбени авиони извршија напад врз централниот штаб на Хезболах, кој се наоѓаше под земја, вграден под станбена зграда во Бејрут. Нападот беше изведен додека високиот синџир на команда на групата дејствувал од предградието Дахие. Покрај Насралах, во нападот се убиени и други заповедници на Хезболах“, објавија Израелските одбранбени сили.
Насралах стана лидер на Хезболах во 1992 кога имаше 35 години и ја надгледуваше трансформацијата на групата во политичка, воена и регионална сила. Беше една од највлијателните личности во арапскиот свет во изминатите децении и го прошири делувањето на групата во Сирија. Под негово водство, борците на Хезболах ги истераа израелските сили од јужен Либан во 2000, со што беше ставен крај на 18 години окупација.