Холандските власти потврдија дека ќе го намалат бројот на летовите на аеродромот „Схипхол“ во Амстердам во обид да го намалат звучното загадување, поради што некои авиокомпании најавија тужба. Петтиот по големина аеродром во Европа ќе дозволи 9.100 летови помалку следното лето, надевајќи се дека на крајот ќе ги ограничи движењата на 452.500 годишно.
Овие кратења се дел од пошироките напори за намалувањето на бучавата од аеродромот, а во план се и забрана за полетувања и слетувања доцна во ноќ, намалување на пристапот за приватни авиони и забрана на бучни модели на авиони.
Авиокомпаниите и аналитичарите сметаат дека овие мерки ќе влијаат врз холандската економија и врз работата на аеродромот.
„Ова што се случува во Холандија е целосно неразбирливо за нас. Не можеме да разбереме зошто холандската влада сака делумно да ги уништи ‘Схипхол‘ и ‘КЛМ‘. Ова е одличен подарок за нашите конкуренти како ‘Луфтханза‘ и ‘Бритиш ервејс‘“, изјави извршниот директор на „Ер Франс-КЛМ“, Бен Смит.
Холандската агенција за координација на аеродроми потврди дека „КЛМ“ на овој начин ќе изгуби 5.500 користења на аеродромот годишно.
Од „КЛМ“ кажаа дека се разочарани од одлуката и сметаат дека некои летови би можеле да бидат преземени од други аеродроми.
Американската компанија „ЏетБлу“ би можела во целост да го изгуби правото на користење на аеродромот, па ја повика американската влада да се одмазди и да му забрани на „КЛМ“ да го користи аеродромот „Кенеди“ во Њујорк.