Холивудските сценаристи кажаа дека постигнале начелен договор со филмските студија, со што би можел да заврши штрајкот кој трае речиси пет месеци. Последниот збор за договорот ќе го дадат членовите на Американското здружение на сценаристи.
Ова е најдолгиот штрајк во Холивид во последните неколку децении и доведе до прекин на снимањето на најголем дел филмови и серии. На штрајкот во јули му се придружија и актерите.
„Деталите од договорот допрва ќе бидат утврдени и затоа засега сѐ уште не го откажуваме штрајкот, но од денеска, веќе нема да има собири пред студијата“, кажаа од здружението.
Штрајкот почна на 2 мај и досега ја чинеше американската економија околу пет милијарди долари. Покрај барањето за поголеми приходи, тие се загрижени дека подемот на вештачката интелигенција би можел да се одрази врз нивната работа.
Традиционално, сценаристите добиваат дополнителни исплати кога нивните содржини се репризираат на ТВ-мрежите, но овој модел беше поткопан со доаѓањето на стримингот.
Во изминатите денови, шефовите на „Нетфликс“, „Дизни“, „Јуниверзал“ и „Ворнер брос“ лично учествуваа во преговорите, што им даде нов поттик.