Јеменските хути објавија дека нападнале два саудиски танкера во Црвеното Море, додека САД го бомбардираа Иран 12. ноќ по ред. Во исто време, иранските медиуми кажаа дека еден танкер се запалил по експлозија во минирана рута во Ормускиот Теснец.
Доналд Трамп се закани дека за секој нападнат брод во Ормускиот Теснец ќе уништи еден ирански мост или една електрана и порача дека ќе се справи со хутите доколку го блокираат Црвеното Море. Тие оваа недела објавија дека воведуваат поморска блокада на Саудиска Арабија и оттогаш биле пренасочени неколку танкери.
Хутите ги именуваа погодените танкери како „Енцелија“ и „Лајла“. Портпаролот на групата кажа дека тие биле нападнати со дронови и ракети зашто ја прекршиле поморската блокада. Државната новинска агенција „Сауди прес“ објави дека бродот „Енцелија“ бил погоден додека пловел во Црвеното Море, при што се запалил, но нема жртви.
Хутите не објавија многу детали за своето поморско ембарго, но еден функционер изјави дека тие го затвориле теснецот Баб ал-Мандаб за саудиските бродови. Ако се спроведе целосно, тоа ќе го загрози глобалниот извоз на нафта за дополнителни 7%. Црвеното Море стана клучно за испораките на нафта од Саудиска Арабија за време на американско-израелската војна со Иран, што доведе до ефикасно затворање на Ормускиот Теснец.



