Иран се закани со одмазда откако го обвини Израел за убиството на високиот воен заповедник Сајвед Рази Мусави, кој беше одговорен за координација на воената соработка помеѓу Иран и Сирија. Генералот Мусави, кој беше висок советник во Иранската револуционерна гарда, загинал во воздушен напад близу Дамаск.
Тел Авив не го коментираше нападот, додека иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека убиството на Мусави ги покажа слабостите на Израел.
„Овој чин е знак на слабост и фрустрации на ционистичкиот режим, кој ќе плати висока цена“, кажа Раиси.
Иранската државна телевизија ја прекина програмата за да соопшти за смртта на Мусави, опишувајќи го како еден од најискусните советници на гардата во Сирија. Додаде дека тој бил еден од оние кои го придружувале Касем Солејмани, заповедникот на елитната единица Кудс, кој беше убиен во американски напад со дрон во 2020. Иранскиот амбасадор во Сирија изјави дека Мусави бил убиен со израелски проектил откако се вратил дома од работа.
Израел со години изведува напади во Сирија против цели поврзани со Иран, кој испрати стотици припадници на Револуционерната гарда за да обучуваат борци на шиитската милиција од Ирак, Авганистан и Пакистан.