Италијанските власти ги затегнаа правилата за рекламирање на социјалните мрежи по измамата на Кјара Ферањи, една од најпознатите италијански инфлуенсерки, со т.н. Божикна торта.
Италијанската агенција за комуникации Агком во четвртокот донесе одлука за инфлуенсерите со над 1 милион следбеници да важат истите правила како за традиционалните медиуми. Рекламирањето ќе мора да биде експлицитно обележано за да биде препознатливо за нивните следбеници, во спротивно инфлуенсерите ќе треба да платат казни до 600.000 евра. Претседателот на агенцијата Џакомо Лазорела кажа дека правилата подоцна ќе бидат проширени и на помалите инфлуенсерите.
Инфлуенсерката Ферањи на крајот на 2022 година се здружи со компанијата „Балоко“ да ја промовира нивната Божикна торта. Божикната торта брендирана од Ферањи се продаваше за 9 евра, речиси трипати повеќе од стандардната верзија.
Компанијата и Ферањи, која има 29,4 милиони следбеници на Инстаграм, тврдеа дека дел од собраните пари од продажбата ќе бидат донирани на детска болница во Торино.
Но, иако „Балоко“ донираше 50.000 евра на болницата пред почетокот на кампањата со Ферањи, потоа не направила ниту една донација. Ферањи заработила над милион евра од кампањата и ниту таа не донирала. Во декември 2023 година, италијанските власти ја казни „Балоко“ со 1 милион евра, а Ферањи со 420.000 евра.
По изрекување на казната, Ферањи им се извини на следбениците и кажа дека ќе донира 1 милион евра на болницата. Но, оттогаш таа изгуби 200.000 следбеници и неколку големи компании кои се рекламираа кај неа, како „Кока-Кола“.