Италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано призна во ТВ-интервју во ударен термин дека бил во љубовна врска со жена која сакал да ја ангажира за своја соработничка. Тој кажа дека ѝ понудил оставка на премиерката Џорџа Мелони, но таа ја одбила.
Судбината на Санџулијано ги окупираше насловните страници на италијанските весници и ѝ зададе главоболки на Мелони по враќањето од летниот одмор.
Бившиот новинар Санџулијано се соочи со медиумска бура околу улогата на Марија Росарија Бочија, инфлуенсерка и самопрогласена претприемачка, која на Инстаграм објави дека била предложена за „советничка на министерот за големи настани“.
Во интервју за „РАИ“, Санџулијано призна дека ја запознал доста помладата Бочија на журка во Неапол во мај, што прераснало во сентиментална врска, која се распаднала во почетокот на август.
„Иако во прв момент размислував да ја ангажирам за неплатена советничка во министерството, потоа се премислив, зашто тоа би можело да биде судир на интереси“, изјави Санџулијано.
Бочија го исполни својот профил на Инстаграм со фотографии од настани на кои била со Санџулијано, кои покажуваат дека имала пристап до министерски канцеларии и документи.
„Ниедно евро јавни пари не беше потрошено на Бочија и нејзината вклученост во планирањето на културниот самит на Г7. Таа немаше пристап до доверливи документи“, тврди Санџулијано.