ИЗРАЕЛ ГИ ДЕПОРТИРАШЕ ГРЕТА ТУНБЕРГ И ОСТАНАТИТЕ УЧЕСНИЦИ ВО ФЛОТИЛАТА КОЈА СЕ ОБИДЕ ДА ДОСТАВИ ПОМОШ ВО ГАЗА

    ИЗРАЕЛ ГИ ДЕПОРТИРАШЕ ГРЕТА ТУНБЕРГ И ОСТАНАТИТЕ УЧЕСНИЦИ ВО ФЛОТИЛАТА КОЈА СЕ ОБИДЕ ДА ДОСТАВИ ПОМОШ ВО ГАЗАГрета Тунберг беше меѓу приведените 470 учесници во флотилата (Фото: Сумуд)

    Израел ги депортираше Грета Тунберг и уште 170 учесници во хуманитарната флотила „Сумуд“, која минатата недела неуспешно се обиде да ја пробие поморската блокада на Газа и да достави симболично количество помош. Израелските власти го спречија тоа, пресретнувајќи ги сите 40-ина бродови пред да стигнат до територијалните води на Газа, при што беа приведени околу 470 луѓе, меѓу кои имаше парламентарци, адвокати, новинари и активисти.

    Израел денеска депортираше 171 учесник од Грција, Италија, Франција, Ирска, Шведска, Полска, Германија, Бугарија, Литванија, Австрија, Луксембург, Финска, Данска, Словачка, Швајцарија, Норвешка, Велика Британија, Србија и САД. Тие се префрлени во Словачка и Грција. Во саботата беа депортирани 137 учесници во флотилата од азиски и африкански држави.

    Израелското министерство за надворешни работи кажа дека сите законски права на учесниците биле почитувани, а единственото насилство било поврзано со активист кој каснал медицинска сестра во израелскиот затвор Кециот. Сепак, некои членови на флотилата рекле дека биле лишени од сон, имало недостаток на вода и храна и дека некои биле тепани, клоцани и заклучени во кафез, што Израел го демантираше.

    Запирањето на флотилата од страна на израелската морнарица беше осудено од многу држави.

    Флотилата тргна во август и привлекуваше меѓународно внимание додека пловеше преку Средоземно Море, при што Турција, Шпанија и Италија испратија воени бродови за да ја заштитат од напади со дронови. Израелската морнарица вчера ја предупреди флотилата дека се приближува кон активна борбена зона и ја крши законската блокада и побара од бродовите да го променат курсот. Таа понуди мирно да ја префрли помошта до Газа преку безбедни канали. Организаторите на флотилата го осудија израелскиот упад како воено злосторство и рекоа дека војската користела агресивни тактики, како водени топови, но никој не бил повреден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира