Израел по пет дена пауза изведе нов воздушен напад врз Бејрут и кажа дека гаѓал подземно складиште во кое Хезболах чувал оружје. Ова уследи откако ноќеска биле лансирани 50 ракети кон северниот израелски град Сафед.
Израел редовно го бомбардираше Бејрут во изминатиот период без претходни предупредувања до населението, особено неговите јужни предградија, но запре со воздушните удари откако во нападот на 10 октомври загинаа 22 луѓе, а над 100 беа ранети.
Вашингтон, најблискиот сојузник на Израел, вчера изрази загриженост за обемот на воздушните напади врз Бејрут.
„Кога станува збор за обемот и природата на бомбардирањето што го видовме во Бејрут во изминатите неколку недели, јасно ѝ кажавме на владата на Израел дека сме загрижени и сме против тоа“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Во исто време, државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин побараа конкретно примирје од Израел со цел да се реагира на влошената хуманитарна ситуација во Газа во рок од 30 дена. И заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем, повика на прекин на огнот.
Во израелските напади врз Либан досега загинаа над 2.300 луѓе, а Израел издаде наредба за евакуација на една четвртина од Либан.