Израел го обвини Хамас за сериозно кршење на договорот за примирје, тврдејќи дека едно од четирите тела предадени вчера не е мајката на браќата Бибас, најмладите заложници земени на 7 октомври 2023.
Враќањето на телата на Шири Бибас и на нејзините синови Ариел и Кфир предизвика силни емоции во Израел, но Израелските одбранбени сили (ИДФ) го информирале семејството дека телата на децата се идентификувани, но третото тело не е мајка им. ИДФ го повикаа Хамас веднаш да го врати телото на Шири Бибас.
„При процесот на идентификација беше утврдено дека ниедно од четирите тела не е Шири Бибас, ниту, пак, тоа тело се совпаѓа со кој било од заложниците. Ова е непознато, неидентификувано тело. Ова е сериозно кршење на договорот од страна на Хамас, кој беше обврзан да ги врати телата на починатите заложници“, објави ИДФ на Икс.
ИДФ кажаа дека „терористите брутално ги убиле двете деца во заробеништво во ноември 2023“, според разузнавачки и форензички наоди. Наспроти ова, Хамас тврди дека Кфир, кој имаше девет месеци кога беше киднапиран, четиригодишниот Ариел и Шири Бибас (32) загинале во израелски воздушен напад. Таткото Јарден Бибас беше ослободен во размена на заложници и палестински затвореници порано овој месец.
Хамас утре треба да ослободи уште шестмина живи заложници во замена за стотици палестински затвореници. Во првата фаза од договорот за примирје, Хамас се согласи да ослободи 33 заложници и досега се пуштени 19, плус петмина Тајланѓани.