Израел сака да го повреди Хезболах, но не сака да го вовлече Блискиот Исток во општа војна, додека Либан очекува одмазда за саботниот ракетен напад во кој загинаа 12-мина млади на окупираната Голанска Висорамнина. Четворица израелски функционери кажаа дека Израел се спрема за можноста за неколку дена борби по нападот за кој беше обвинет Хезболах, но тие не открија повеќе детали за можниот одговор.
„Проценката е дека одговорот нема да води кон општа војна. Тоа не би било во ничиј интерес во овој момент“, изјави еден дипломатски извор.
Инцидентот ја зголеми загриженоста дека повеќемесечните повремени погранични напади би можеле да преминат во широка уништувачка војна.
Израелскиот безбедносен комитет вчера ги овласти премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант да одлучат за начинот и времето на одговорот. Еден функционер изјави дека тој ќе биде ограничен, но значаен.
„Израел не смее да дозволи ова да помине неказнето. Нашиот одговор ќе дојде и ќе биде жесток“, изјави Нетанјаху.