Израелската војска лансираше голема воена операција во кампот во Џенин на окупираниот Западен Брег, во која досега загинаа петмина Палестинци, а најмалку 28 се ранети. Големиот копнен и воздушен напад почна набргу по полноќ, а вооружените пресметки и експлозии продолжија и утрово.
Израел вели дека цел на акцијата е важен заповеден центар на милитантната група Бригадите на Џенин во бегалскиот камп.
„Ја напаѓаме терористичката инфраструктура во областа на Џенин. Нема да стоиме мирно додека терористите продолжуваат да повредуваат цивили користејќи го кампот како свое скривалиште“, објавија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Оттаму додаваат дека очекуваат акцијата да трае од еден до три дена.
„Ќе се бориме против окупациските сили до последните здив и куршум. Сите фракции и воени формации работат заедно и обединето“, соопшти групата Бригадите на Џенин, која вклучува припадници на Фатах, Хамас и Исламски џихад.
Минатиот месец, израелската војска уби шестмина Палестинци за време на рација во Џенин, кога за првпат по 15 години го нападна од воздух. Кампот на периферијата на Џенин беше поставен во 1950-ите и наликува на гето, во кое живеат 11.000 луѓе.