Израел ги нападна главниот град на Јемен, Сана и северната провинција Ал-Џавф, при што хутските медиуми објавија дека има повеќе загинати и ранети. Нападот се случи ден откако Израел се обиде да убие водачи на Хамас во Доха.
Израелската војска потврди дека извела напади врз Јемен, велејќи дека се погодени воени кампови каде што биле лоцирани хутски оперативци.
„Исто така, погодени се седиштето на хутската воена пропаганда и складиште за гориво“, соопшти војската.
Хутските медиуми кажаа дека во Сана се регистрирани најмалку шест експлозии, при што загинале неколку лица.
Во нападот врз Јемен на 30 август беа убиени премиерот на хутската влада и неколкумина министри.
За првпат од почетокот на војната во Газа, Израел вчера го нападна Катар, при што, според Хамас, загинале шест луѓе, но не и водачите на групата, кои биле мета.