Израелската војска утрово ракетираше цели во Газа и Либан, како одмазда за ракетните напади за кои ја обвини палестинската милитантна група Хамас. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека била гаѓана „терористичка инфраструктура на Хамас“ во јужен Либан.
Тензиите во регионот повторно пораснаа откако израелската полиција упадна во џамијата ал-Акса во Ерусалим неколку ноќи по ред оваа недела. Џамијата важи за третото најсвето место во исламот и израелските рации доведоа до насилни судири, вклучувајќи ракетни напади на Израел од Либан.
„Палестинците нема да седат со скрстени раце пред израелската агресија“, изјави шефот на Хамас, Исмаил Ханије.
ИДФ кажа дека во денешните напади биле погодени десет цели во Појасот Газа, вклучувајќи тунели и места за развој и производство на оружје на Хамас, како и три цели во Либан, кои исто така се поврзуваат со Хамас.
„Израел нема да му дозволи на Хамас да оперира од Либан и ќе го смета Либан за одговорен за секој напад изведен од неговата територија“, соопшти ИДФ.
Хамас кажа дека нема информации кој вчера испукал десетици проектили од Либан. Тоа беше најголемиот поединечен напад од Либан во последните 17 години, при што Израел кажа дека соборил 25 од испуканите 34 проектили, а пет предизвикале штета на згради. Нема информации за жртви во последните напади.