Израел уби уште еден заповедник на Хезболах откако денеска изведе воздушен напад врз јужно предградие на Бејрут. Во нападот загинале шестмина луѓе, вклучувајќи го Ибрахим Кубаиси, што претставува уште еден голем удар за групата поддржана од Иран, чии позиции во јужен Либан се изложени на жестоки бомбардирања веќе втор ден.
Во денешниот напад врз Бејрут, изведен од борбени авиони, била погодена вообичаено прометната населба Шобеири, при што снимките покажуваат големи штети на последните спратови од една петкатна зграда.
Кубаиси командувал со ракетната единица на Хезболах и тој е третиот убиен заповедник на Хезболах во изминатите неколку дена.
Израел најави засилување на нападите врз Хезболах во Либан, што за неполни два дена резултираше со речиси 560 загинати луѓе и десетици илјади раселени.
„На Хезболах не смее да му се даде одмор. Ќе ги забрзаме нашите офанзивни операции од денеска“, изјави шефот на израелската војска Херци Халеви.