Серија воздушни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут ноќеска откако Израел вчера се обиде да го убие лидерот на Хезболах, Хасан Насралах. Очевидците кажаа дека нападите траеле пет часа, што претставува значајна ескалација во конфликтот, во кој досега загинаа над 700 луѓе, а околу 100.000 се раселени.
Судбината на Насралах по вчерашните жестоки напади не е позната. Еден извор од Хезболах изјави дека тој не бил достапен. Израел официјално не потврди дека се обидел да го убие Насралах, но еден висок израелски функционер кажа дека тој бил мета.
„Засега е рано да се каже дали е жив. Понекогаш тие го кријат фактот дека сме биле успешни“, кажа тој.
Извор близок на Хезболах претходно изјави дека Насралах е жив, а подоцна и иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека тој е на безбедно.
Неколку часа пред нападите врз Бејрут, во кои загинаа најмалку шестмина луѓе, а над 90 се ранети, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа во Обединетите нации дека Израел ќе продолжи со воената акција. Нетанјаху ја прекина посетата на САД и се врати во Израел.
Телевизијата на Хезболах „Ал-Манар“ објави дека седум згради биле уништени во нападите врз Бејрут. Неколку часа подоцна, Израел им порача на жителите во делови од јужните предградија на Бејрут да се евакуираат, зашто Хезболах крие ракетни лансери и складишта со муниција под цивилни објекти.