ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СТАВЕНА ВО ВИСОКА ГОТОВНОСТ НА ГРАНИЦАТА СО ЛИБАН ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА ГОВОРОТ НА ЛИДЕРОТ НА ХЕЗБОЛАХ

    ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СТАВЕНА ВО ВИСОКА ГОТОВНОСТ НА ГРАНИЦАТА СО ЛИБАН ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА ГОВОРОТ НА ЛИДЕРОТ НА ХЕЗБОЛАХХасан Насралах ќе се огласи јавно за првпат од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас (Фото: АП)

    Израелската војска кажа дека е во висока готовност на северната граница со Либан и ќе одговори на секој настан на границата, додека се чека обраќањето на лидерот на Хезболах.

    Саед Хасан Насралах попладнево ќе се огласи јавно за првпат од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас. Се очекува тој да ги навести идните чекори на групата, која во изминатите недели изведуваше чести напади на израелската војска на границата со Либан. Тоа ги зголеми стравувањата дека конфликтот би можел да се прошири, иако двете страни досега се воздржуваа во тоа. 

    Хезболах, како и Хамас, се смета за терористичка организација во САД, Велика Британија и други држави. Тој е најголемата политичка и воена сила во Либан.

    Говорот на Насралах ќе се пренесува на јавни екрани и е опишан како значаен момент за Хезболах. Тоа што беше најавен неколку дена однапред исто така се смета за невообичаено.

    Хезболах и Израел водеа едномесечна војна во 2006 и многумина се загрижени дека групата би можела да го вовлече Либан во нов конфликт. Една од целите на Хезболах е уништувањето на Израел. Групата располага со десетици илјади добро обучени борци и со голем арсенал на оружје, вклучувајќи проектили со кои може да ја гаѓа и внатрешноста на Израел.

    Израелскиот премиер Нетанјаху вети одговор со незамислива јачина ако Хезболах отвори нов фронт. Во услови кога економијата и државата се во хаос, Либан не може да си дозволи уште една војна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира