Хамас ја потврди смртта на својот лидер Јахја Синвар, додавајќи дека тоа само ќе ја зајакне групата. Заменик-шефот Халил ал-Хаја кажа дека групата ќе продолжи по патот на остварувањето на амбициите на палестинскиот народ.
„Израелските заложници нема да бидат вратени додека не заврши агресијата врз Газа и не дојде до целосно повлекување на израелските сили од појасот. Ја продолжуваме борбата до ослободувањето на Палестина“, изјави Ал-Хаја, кој сега е највисоко позиционираниот човек во Хамас.
Израелската војска кажа дека најбараниот човек во Израел бил убиен во средата при рутинска потрага по борците на Хамас во Рафа во јужна Газа и неговото тело вчера и официјално беше идентификувано со ДНК анализа. Синвар важеше за главен архитект на упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023, што ја покрена војната во Газа, која потоа се прошиири и во Либан.
Членот на политичкото биро на Хамас, Басем Наим, изјави дека Израел не може да ја елиминира групата со убивањето на нејзините лидери.
„Се чини дека Израел смета дека убивањето на нашите лидери значи крај на движењето и на борбата на палестинскиот народ. Ова не е првпат Израел да го направил тоа. Нашата судбина е или победа или мачеништво“, изјави Наим.
И додека Израел вели дека продолжува со војната со сета сила, САД сметаат дека смртта на Синвар отвора можност за постигнување трајно примирје.
„За жал, во моментов не се водат нови преговори за прекин на огнот во Газа. Синвар беше главната пречка за тоа, па неговата смрт би можела да го забрза завршувањето на војната“, кажа портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.