Бавен, но смртоносен ураган се движи кон Јамајка и ѝ се заканува со поројни дождови и уништувачки ветрови. Ураганот Мелиса, кој прерасна во бура од максимално силната петта категорија, се очекува да удри во островот утре во утринските часови.
Властите стравуваат дека Мелиса би можела да стане најмоќниот ураган кој ја погодил Јамајка. Тој веќе предизвика четири смртни случаи на островот Хиспаниола.
Метеоролозите предупредуваат дека бавното движење на Мелиса значи дека поројните дождови ќе траат подолго, што може да предизвика смртоносни поплави и свлечишта.
„Овој потенцијал за екстремни врнежи ќе создаде катастрофален настан на Јамајка“, изјави Џејми Роми, заменик-директорот на Националниот центар за урагани на САД.
Владата на Јамајка нареди евакуации за делови на главниот град Кингстон, а целиот остров е прогласен за загрозен. Последните информации кажуваат дека Мелиса се наоѓа на повеќе од 200 километри од брегот на Јамајка, а се движи со брзина од шест километри на час. Тој носи ветрови со максимална брзина од 270 километри на час, кои би можеле да се засилат во следните 12 до 24 часа.
Иако метеоролозите велат дека веројатно ќе има флуктуации во јачината на Мелиса во наредните часови, до Јамајка и југоисточна Куба веројатно ќе стигне како „екстремно моќен ураган и сè уште ќе има јачина на ураган кога ќе се движи низ југоисточните Бахами“.



