Во срцето на историскиот центар на Рим загина 69-годишен јапонски турист откако падна во ровот на Пантеон. Хибино Моримаса паднал од периметарскиот ѕид на споменикот, на аголот од Виа дела Паломбела и Виа дела Ротонда, зад главниот влез на црквата околу 21:50 часот завчера, во едно од најпопуларните туристички места во Рим.
Ќерка му веднаш повикала помош, а за да стигнат до телото на Моримаса, пожарникарите насилно ја отвориле влезната порта пред Пантеонот. Истражителите сега се обидуваат да ги реконструираат точните околности на тоа што се случило, ќе ги прегледаат и надзорните камери од областа, а обвинителот наредил обдукција.
Во моментов, се испитува дали на човекот му се слошило или можеби ја изгубил рамнотежата додека се обидувал да направи самослик и паднал во ровот. Според наодите, човекот седел на мермерниот ѕид што често го користат туристите за кратки одмори. Локацијата каде што се случила трагедијата е највисоката точка во ровот што го опкружува поголемиот дел од Пантеонот.



