Црвена тревога е објавена во 15 италијански градови, додека екстремната топлина продолжува да владее во јужна Европа. Предупредувањето, кое укажува на ризик и за здравите луѓе, се однесува и на туристичките дестинации Рим, Фиренца и Болоња.
Можни рекордни температури се очекуваат во Европа следната недела, кога ќе дојде нов жежок бран, наречен Харон. Европската вселенска агенција кажа дека Италија, Шпанија, Франција, Ферманија и Полска би можеле да бидат погодени од екстремни услови.
Италијанската влада им препорача на сите кои се наоѓаат во областите под црвена тревога да избегнуваат директно изложување на сонце во периодот од 11 до 18 часот и да водат грижа за старите и ранливите.
Во Грција беа измерени над 40 Целзиусови степени во изминатите денови, поради што вчера привремено беше затворена најпопуларната туристичка атракција во земјата, атински Акропол.
Високи температури се измерени и во централна Европа. Меѓу погодените земји се Германија и Полска, додека викендов во Чешка се очекува да достигнат до 38 степени, што е исклучително високо за земјата.
Топлотни бранови се забележани и во САД, Кина, северна Африка и Јапонија. Предупредувања за топлина се однесуваат на најмалку 113 милиони Американци, односно третина од земјата, од Флорида преку Тексас до Калифорнија, па и до северозападната сојузна држава Вашингтон. Се верува дека 27 милиони луѓе во САД ќе искусат температура над 43 степени во следните денови.