САД оваа недела ќе ги погоди студ каков што се случува еднаш во генерацијата, предупредуваат метеоролозите. Најекстремните арктички удари, што ги предизвикуваат таканаречените поларни вртлози, би можеле да донесат температури до -53 Целзиусови степени.
Доналд Трамп, познат по негирањето на климатските промени, во свој стил реагираше на актуелните временски неприлики.
„Што се случува со глобалното затоплување? Те молам, врати се, ни требаш“, напиша Трамп на Твитер.
Метеоролошката служба на Ајова ги предупреди луѓето „да избегнуваат длабоко земање здив и да го намалат зборувањето кога одат надвор“. Се очекува 55 милиони луѓе да бидат погодени од ниските температури и вонредна состојба е прогласена за сојузните држави Висконсин, Мичиген и Илиноис, како и за вообичаено потоплите јужни држави Алабама и Мисисипи.
„Интензитетот на овој студен воздух, би рекол, се гледа еднаш во генерацијата“, изјави метеорологот Џон Гејган, додавајќи дека при вака екстремни температури, смрзнатини можат да се добијат по само десет минути изложеност.
Најстуденото време се очекува од денеска до четврток и се предвидува дека Чикаго ќе биде постуден од Антарктик.