Бројот на жртвите на катастрофалните поплави во источна Либија би можел да порасне до 20.000, изјави еден локален функционер. Досега е потврдено дека загинале околу 5.300 луѓе, но градоначалникот на тешко погодениот град Дерна, Абдулменам ал-Гаити, процени дека 18.000-20.000 луѓе починале кога пукнале две брани среде бурата Даниел, што ослободило наплив од вода налик на цунами додека жителите спиеле.
Тој кажа дека неговите проценки се базираат врз бројот на заедниците уништени во поплавата.
Спасувачките екипи во Дерна побараа да се достават повеќе вреќи за мртви, бидејќи морето постојано исфрла по десетици тела. Се стравува дека голем број лешеви има и под урнатите згради, што го зголемува ризикот од зарази.
Двете ривалски влади на Либија ги координираат напорите за помош на преживеаните, додека во земјата бавно почна да пристигнува меѓународната помош. Владата во Триполи, која е меѓународно признава, кажа дека 12 држави испратиле помош и тимови во земјата.
„Нам всушност најмногу ни требаат тимови специјализирани за извлекување тела. Стравувам дека во градот ќе избие епидемија поради големиот број лешеви под урнатините и во морето“, изјави Ал-Гаити.
Хишем Абу Шкијуат, министер во источнолибиската влада, кажа дека тела има насекаде.
„Каде и да се свртите, ќе видите мртви мажи, жени и деца. Изгубени се цели семејства. Се слушаат и повици за помош од урнатините“, изјави тој.